Те боли нешто? Не е крај на светот!

Нема лимит!
— непознат
Единственото нешто што те ограничува, си самиот ти
— непознат
‚‚Ноу пеин ноу геин’’
— некој јак

Све или ништо муабетов (кога, вежбање е темата), ако е кај Лила таа емисијата, да разберам.

Нема оправдувања, само работи понапорно! - оф.

(Отворам спреј во боја) Сите овие ‚‚мотивирачки’’ пораки сами се шкртаат на ѕид или на инстаграм или во твојата глава. И тоа те мотивира?

#️⃣шоТиЕ?

#️⃣шоТиЕ?

Чекај малку.

Еднаш. Пред години се повреди - јако.

Падна на скијање. Ама заебан скок со скии беше тоа 🤣.

Помина тоа. Ти помина коленото. Пред години беше. Престана да вежбаш.

Сега имаш семејство.

Не можеш да чучнуваш со детето, да си играте.

Почна пак да вежбаш.

Цело време некако те затега коленото кога правиш исчекор? Ама па тоа со скијањето, беше, одамна.

Волку одамна 👇🏻

SetWidth1200-popovasapkacol2a.jpg

Не може да е тоа.

Вежбаш.

Те подзаболува.

НЕМА ОПРАВДУВАЊА!

Те боли.

ИdEmЕ СaмО Ј@КО!!!

Секој тренинг веќе те боли - коленото. Сакаш јако - ама не можеш.

Исчекор скок.

Шљап, повреда на колено.


Паузирај 6 недели.

Еднаш. Пред 6 недели, се повреди на вежбање.

Помина тоа. Ти помина коленото. Маааалце ептен малце, кога правиш чучањ, како да те затега.

ИДЕЕЕМЕЕЕ ЈАКОО. Ау стварно ми е појачано коленото! 🤙🏻Ноу пејн ноу геин. ТАБАААТАААА! Чучањ скок.

Шљап, повреда.

Паузирај 12 недели.


Еднаш пред 12 недели се повреди… ♺ аман, не иди таму во повредите!

Кога ќе се повредиш и повредата ќе остави некаков траг на твоето тело, а ќе остави, дека такви се повредите, а и такво е телото. Не е крај на светот, ама и не е целиот свет.

Шшш - ама не може да продолжиш со исто темпо, како ништо да не било. Хроничната болка е вистинска. Сигурно, повредата го намалила опсегот на движење или те лимитира на некаков начин. Сигурно. Сто посто. Гарант.

Важно е да продолжиш да вежбаш! Но да внимаваш да не се повредиш, пак.

Како? Кажи ми ја тајната!

👇🏻

Пази ваму:

Ја правиш вежбата. Можеш ли, лесно да го направиш движењето? Дали нешто те боли?

НЕ! Супер. Продолжи така.

Да!🥲 Океј е. Олабави со движењето, да видиме до каде можеш да стигнеш без да те боли - многу.

Можеби ќе можеш да направиш дел од вежбата. На пример можеш да чучнеш малку, нешто како пола чучањ ама веќе и тоа ти личи на предизвик. Се потиш.

Можеш да се држиш за нешто, врата, пријател, столче додека чучнуваш, така барем нема да се секираш за балансот.

Кога ќе почувствуваш, поточно, осетиш, дека почнува да те затега/заболува, врати се во почетната позиција.

И полека.

За кратко ќе можеш да го правиш движењето до крај.😎

Ако нешто те боли или те затега веројатно има - зошто!

Можеби знаете, ама да повториме. Телото е цар. Вашето тело знае што е: болка и неудобност. Секогаш ти кажува, некогаш и се дере гласно! Џабе ви се тие графитите од почетокот, ноу пеин и слично.

Тоа е она кога ве подзаболува.

Оди скини лигаменти па кажи му на телото ноу пеин.

Вие што доаѓате кај нас, знаете дека ве прашуваме: колку и како те боли? Важно е да направите разлика помеѓу болка за повреда и слатка болка?! - она кога не знам..се истегнувате, за прв пат по 8 саати седење.

Запознај се со една скала, што ние ја имаме, и фигуративна и реална онаква дрвена убава..

болка.jpg

Скала за болка од 1 до 10, каде 1 е: немам болка никаква - болка ват, а 10 е: ептен неиздржливо ме боли, сакам кафе да пијам, или да се склопчам во фетус позиција. (Онака како што веројатно ве здоболило тогаш кога скијавте пред години или со тие 250 чучањ скокови.)😘

За да напреднеме во тренингот кога имаме некаква болка или кога се враќаме во некаква форма (кам бек) по повреда или кога имаме некакво ограничување во движењето. Или кога едноставно сакате да вежбате долго време (што е и целта на вежбањето во животот) без да правите паузи поради повреди и премореност - погледни го овој брилијантно дизајниран график кој ќе ти го покаже најлесниот пат. 👇🏻

Бројката на скалата за болка треба да биде некаде 3 или 4 еве и 5 но не повеќе. Важно, бидете свесни, дека во секој случај ќе чувствувате некоја неудобност, но тоа е нормално по повреда. Поважно е: слушај го телото и нас! Најважно е тоа второто.

Прави разлика меѓу воспаление и болка - кога вежбаш! 🤌🏻

Нормално е да те боли нешто (не брзај со заклучоци - читај понатаму) додека вежбаш, дури и ден потоа или и неколку дена потоа ако претходно физичката активност ти е кревање моливи или тренинг ти е: релацијата, дневна - кујна - спална.

Воспалење по Скопски се осеќа длабоко во мускулите, може да одмарате но можете и да вежбате со воспалење. Факт што ќе ви го потврди секој 14 годишен батко шо дига 5х5 бенч со мин 50кг. 😙

Но со конкретното ткиво, грб, колено, рамења, лигаменти иако е опоравено се уште ви е осетливо. Тука треба да пазите. Тоа не е како ‚‚воспалење’’. Тоа ве подзаболува при некое движење. Факт што не му го кажуваат на баткото со бенчот. Океј, може и му кажуваат ама на 14, само он знае сè #️⃣советистоп! Има гледано в-шред.

Назад на брилијантниот график.

tamam-vezbanje.jpg

Имаме две ситуации: (кога имаш болка/те подзаболува нешто)

  1. Болката е некаде 3! или 4! Неколку часа откако ќе завршиш со тренингот или наредниот ден

    • Океј си, продолжи да вежбаш, одмори малку. Продолжи да вежбаш.

  2. Болката е над 5, и наредниот ден пак е 5 и ја осеќаш не е како воспаление.

  • Види, телото сака да ти каже нешто. Тоа се вика повратна информација или фидбек ко што би рекол к.п.

Ние сакаме да се предизвикуваш себеси, сакаме да напреднеш, тоа ни е целта. Но, но, но, не брзај, имаш време. Не мора после некоја повреда веднаш да скокнеш со тренинзи и интензитет како ништо да не било. 

Верувај било, телото е цар, му текнува. 

Само овој пат, кога ќе се повредиш, по втор/трет/n-ти пат нема да паузираш како првиот пат, туку подолго. И подолго. И тоа е еден циклус: едно напред - две назад. Искрено, не го сакаш тој циклус. Така, ќе престанеш да вежбаш. И така стигнуваме до следните муабети.

Секогаш вежбај го тоа што можеш да го извежбаш.

Иако ова личи на тие мотивирачките пораки со ретро тајпфејс пред замаглена позадина. Не е!

Да речеме, вежбаш. Вежбаш и стигнуваш до интензитет и болка/воспаление 3/4. Наредната недела пак така. За месец дена пак така. На добар пат си. 

АМА!

Гледаш некој до тебе, запнува. Запнува јако, до 10. Не само тоа, туку и скока повисоко. Легнува пониско. Диши појако. 

Ама тој до тебе, не бил повреден! 

Ама па, ти тоа можеби не го знаеш. И што правиш? Се обесхрабруваш. 

На Скопски: ‚‚ДАУН СИ’’.

Кога се споредуваш со некој друг (можеби ова е и културолошки проблем), тоа е како шорткат да се деморализираш. Да се демотивираш. Да го баталиш тоа што го правиш.

А зошто? 

Што те боли тебе за таму некоја? 

За некој друг? 

Што ќе добиеш ТИ од споредбата?

Твоето вежбање, твојот живот, твојата форма, твојот кам бек е: само твој

Замисли колку повеќе ќе се радуваш ако за еден месец од денес, забележиш дека можеш да правиш чучањ пониско и подобро и тоа онака, за добро утро. На скалана од погоре, со 1, со свиркање. Нели оваа ситуација личи поубаво?

Модификувај ги движењата да одговараат на твоите лични потреби

Да речеме имаш некакво ограничување кое го намалува твојот опсег на движење. Нешто како шрафови во глужд после операција, слеани рбетни дискови, затегнато рамо како резултат на носењето прерамка за да се опоравиш од некаква скршеница на раката. 

Во сите овие сценарија важно е да тренираш - претпазливост. Плус да си особено свесен за опсегот на движење што го имаш на располагање. Секако и недостатокот на стабилност и подвижност. 

Еве неколку примери за тоа што можеш да направиш и како можеш да го модификуваш движењето врз основа на твоите ограничувања:

„Имам лошо/повредено колено!“ - ова си ти.

Океј, да речеме дека не можеш да чучнеш целосно до долу бидејќи чувствуваш болка во коленото кон крајот на движењето.

Ова сум јас: „Можеш да го модификуваш чучнувањето и да се придржуваш за столче или за рамката на вратата или било кој друг стабилен предмет. Додека се држиш полека надолу, се додека не стигнеш во позиција која ти е предизвик/каде вежбаш но болката не надминува 3 или 4 на скалата. Немој да одиш подолу, океј е за денес.“

Како поминува времето ти продолжуваш да го изведуваш чучнувањето со оваа модификација, така мускулите околу коленото ќе зацврснат и Ти ќе можеш да чучнуваш се подолу и подолу и со се помалку помош од стабилен предмет.

Да не ги редиме сега тука сите можни: „ме боли…имам лошо…“ дел од телото сценарија и решенија. Доволно е да знаете дека, ние секогаш работиме со вас на нивото на кое сте! 

Се наоѓаме не истото место - зборувајќи за физичка подготвеност. 

Инаку би било глупо. 

Тоа е како да се договараме да одиме на Водно и едниот секогаш почнува од полициската со одење а другиот веќе стигнал на средно со трчање, а демек одиме заедно. Безвезе, нели?

Најчести гачки кои ги слушаш наоколу од „тренери“ и „вежбачи“, а те спречуваат ти самиот да влезеш „во форма“!

„Не можам бе јас да го направам тоа ме боли кичма/колено/рамо“

Види вака, иако болката можеби те спречува да го правиш тоа што го посакуваш, најчесто може да ја надминеш. Ова го кажувам, претпоставувајќи дека нема некои скриени повреди кои не се излечени, не знам, артритис, скинати мускулни влакна или некои други тешки повреди. Ваљда до тука се разбираме? 

НО, но дури и ако тоа е случајот ќе се изненадиш колку можеш да постигнеш ако некој ти го покаже патот.

Кога луѓето се жалат на некоја болка, најчесто таа може да ја лоцираме во недостаток на:

  • соодветна флексибилност,

  • сила,

  • општа контрола врз сопственото тело.

Вака, кога некој се жали на болка во колкови или колена, најчесто седи доооолго во денот и не се движи доволно. Инстант решение е, почесто да станува од столчето и да се раздвижува низ канцеларија.

Оние што ги боли колено, можеби ќе престане болката ако ги зацврстат мускулите околу коленото, ако задната ложа стане посилна и ако работат на флексибилноста во опсег на движења кои им се удобни и не им прават болка.

На другата страна од виножитото пак имаме луѓе кои се совршено здрави, кои имаат супер здрави зглобови ама не се чувстуваат добро, зошто едноставно НЕ ПРАВАТ НИШТО во животот.

Џабе, тебе што ти се здрави рамењата, ама те болат постојано бидејќи дремеш на биро по цел ден, никогаш не ги истегнуваш и воопшто не ги вежбаш. Тука е проблемот.

Мојата омилена гачка: „Види јас сум 30+ годишна или годишен и знаеш годините си го прават своето, од 30та натака све иде кон полошо“.

Булшит.

Смешки.

Тие со овој муабет веројатно никогаш во животот не ни мрднале повеќе од релацијата дневна - кујна, работа - дома. 

Затоа сите болки се резултат на тоа што не се движеле кога биле тинејџери или кога имале 30-, па затоа се кревки кога имаат не само 30, туку и 40 и 50.. 

Еве уште една за крај: „Значи….не ме бива за вежбање, природно не сум спортски тип?!/не сум флексибилен или силен“.

Иако постојат некои генетски разлики меѓу тебе и спортистот, (маса на коски, висина, големина и должина на екстремитети..), НЕ Е ТОА.

Разликата меѓу тебе - не спортистот и спортистот е: времето потрошено на спорт! Со други зборови тоа се вика: ТРЕНИНГ.

Разликата меѓу тебе и спортистот е што тој е во предност.

Почнал пред тебе со тренингот, затоа најпаметно ти е да почнеш и:

  1. Да се појавиш.

  2. Да продолжиш да се појавуваш на тренинг

  3. Да не се преправаш!

Можеш да станеш „спортист“ кога и колку сакаш, се што треба е да почнеш и да имаш план. Толку.

Previous
Previous

Жените не се мали мажи!

Next
Next

Зошто не ги промовираме тие: ,,Пред / Потоа фотографии?”